Како прекрасна алтернатива за цврсто дрво, ламинатот претставува привлечно решение за секој стамбен, комерцијален или јавен објект. Станува сè попопуларен во светот на подови затоа што е убав, издржлив и лесен за одржување. Постојат неколку правила во врска со одржувањето на ламинатот кои треба да се почитуваат за овој вид подна облога. Важно е уште при монтажата добро да се запознаете со инструкциите за одржување и чистење кои се одредени од производителот на марката ламинат која сте ја избрале.
Основни правила кои треба да ги следите за грижа на Вашите подови:
1. Една од најчестите грешки при чистењето ламинат е користењето на мокри крпи, кое го зголемува ризикот водата да ја оштети горната површина на даските. Навлегувањето на вода преку фугите на ламинатот (при разлевањето на течности) може да предизвика подување, виткање или искривување на даските. Поради тоа, важно е со крпа да ја упиете течноста во најбрзо време, за да не ја оставате да стои премногу долго врз подот. Најдобриот начин за чистење е со употреба на правосмукалка и малку навлажнета крпа;
2 . Избегнувајте го нанесувањето восок или акрилни средства врз ламинатот;
3. Никогаш немојте да го миете ламинатот со обичен сапун за да не го оштетите површинскиот слој на подот или врските помеѓу одделните даски на подот. Следете ги препораките на производителот на ламинатот при избор на средство за чистење на ламинат, и секогаш избирајте професионални средства за конкретниот вид подна облога.
4. При чистење на подната облога од ламинат, никогаш немојте да употребувате жичани четки, абразивнисредства за чистење или средства со голем процент на содржина на хлор или амонијак.
5. Кога бирате средства за чистење наменети за отстранување на дамки, исто така потребно е да се сообразите со советите на производителот. За отстранување на поупорни дамки како боја, хемикалија, маркер, пастелни бои, кармин или лак за нокти на пример, користете чиста крпа, натопена со минимална количина органски растворувач како ацетон или коресилин. На крај, избришете ги остатоците со малку навлажнета крпа.
6. Никогаш немојте да употребувате средства за чистење кои се предвидени за друг вид подови (винил, плочки, теракота), бидејќи на тој начин можете да го оштетите ламинатот, при што истиот ќе има мат изглед и ќе стане лизгав.
7. За остатоци од восок или гума за џвакање, дамката најпрво треба да се стврдне (за таа цел можете одозгора врз дамката да поминете со парче мраз), а потоа внимателно истругајте ја дамката. За да ја заштитите површината на ламинатот од гребење, немојте да употребувате метални алатки. На крај, избришете со чиста и малку навлажнета крпа.
8. Домашните миленици исто така можат да ја оштетат површината на Вашиот под, затоа, погрижете се ноктите секогаш да им бидат негувани и исечени.
9. Задолжитено употребувајте заштитни подлоги или заштитен филц за омекнување на ногарките на мебелот. Доколку имате канцелариски столови со пластични тркалца, потребно е да ги смените со силиконски или пак да употребувате специјална подлога под столот.
10. Поставете патосници пред надворешните врати за да го намалите ризикот од внесување цврсти честички, песок, камчиња и слично, кои можат да ја изгребат и оштетат површината на ламинатот. На тој начин ќе ја намалите и количината на нечистотија која секојдневно со обувките ја внесувате во домот.
11. Директно врз подната облога немојте да поставувате саксии со цвеќиња, дури и ако под саксиите сте поставиле водоотпорни подлоги. За да не се појави кондензација и да се оштети подот, саксиите поставувајте ги на полици или рафтови, на начин воздухот да може да циркулира.
12. Погрижете се, односно одржувајте го нивото на влажност во просториите помеѓу 40 и 60% во текот на целата година, со цел да ја намалите можноста од раширување и намалување на подната облога.